Македонските навивачи се обединија во Вадуц, 59-та минута во спомен на 59 жртви од трагедијата во Кочани

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Немаше тапани, немаше песна, немаше пиротехника… Македонските фанови на трибините на „Рајнпарк“ стадионот во Вадуц на квалификацискиот натпревар помеѓу Лихтенштајн и Македонија, станаа на нозе во 59-та минута. Скандираа во спомен на жртвите од страшната трагедија која се случи во дискотеката „Пулс“.

Имаше фанови од секаде. Дојдоа од Швајцарија, Австрија, од Германија, од Франција. Дојдоа и од Македонија да дадат поддршка на најтажниот натпревар некогаш одигран од фудбалската репрезентацијата. Се беше во знакот на Кочани.

Фудбалерите на теренот го добија мечот со 0-3. Донесоа барем малку радост во овие тажни моменти за Македонија. Трајковски во седмата, Муслиу во 42. минута и на крај Миовски во 84 минута за убедлив триумф на стартот во квалификациите.

Беше неважно колку ќе победиме, само да ги освоиме трите бода, рече селекторот Благоја Милевски по мечот.

„Им честитам на фудбалерите, пред се поради околностите што беа пред натпреварот и сето она што се случуваше во Кочани, што смогнаа сили и покажаа карактер за да го одиграат натпреварот на најдобар можен начин“, рече селекторот Милевски.

На загревање фудбалерите на Македонија излегоа со црни маички во чест на Кочани, а играа со темни дресови во знак на сеќавање на страшната трагедија од 16. март.

„Животот е мистерија, никогаш не знаеме што ќе ни се случи утре, најдобро е да уживаме во овие моменти, додека сме добро и живи и здрави. Да пробаме да помогнеме секој од нас, што ни е најблизок и во таа мала држава наша што ја имаме да даваме повеќе љубов и поддршка“, изјави капитенот на Македонија, Енис Барди.