Македонските ракометари вечерва против Црна Гора на ЕП

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Македонската ракометна репрезентација вечерва од 18 часот против Црна Гора го продолжува настапот на Европското првенство во Дебрецин.

По стартниот пораз во четвртокот против Словенија (25:27), триумф против вториот балкански противник во групата А ќе биде неопходен за македонските ракометари да ги задржат шансите за пласман во следната фаза пред завршниот натпревар против светскиот првак Данска.

Селекторот Кирил Лазаров истакна дека клучно за победа ќе биде неговите ракометари да го намалат бројот на технички грешки од првиот натпревар.

– Во ниту еден случај не сакам да ја потценам Црна Гора. Напротив, имаат добри индивидуалци, дури можеби и подобри од нашата репрезентација, но мислам дека сме поквалитетни како колектив. Во секој случај, не треба да се оптоваруваме со противниците, туку да се концентрираме на себеси. Од нас зависи дали ќе остваруваме добри резултати во иднина или не. Противниците ќе бидат само посилни, бидејќи сите во Европа работат квалитетно. Фокус и концентрација е првото нешто што го барам од играчите, изјави Лазаров.

Македонската репрезентација од вчеравечер е посилна за голманот Никола Митревски, кој по прележаниот коронавирус со овации беше пречекан од репрезентативните колеги во Дебрецин.

Второто коло во Групата А ќе се комплетира со дуелот меѓу Данска и Словенија вечерва од 20:30 часот.