Македонското знаме се вее пред НАТО – Столтенберг: Ви посакуваме добредојде, важен ден за НАТО и Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонското знаме заедно со уште 29 други земји членки се вее пред НАТО. Свечено со интонирањето на химната македонското знаме беше подигнато истовремено пред седиштето на НАТО во Брисел и на Здружената команда во Норфолк во Соединетите Американски Држави. Тука сме да и посакаме добредојде на Северна Македонија во семејството на НАТО, порача генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг.

„Триесет знамиња сега ќе се веат заедно,симбол на нашето единство и солидарност. Ова е историски момент за Северна Македонија. Доаѓа после години на посветеност и заложба за реформите. Ние сме сите побезбедни и посилни заедно отколку сами. Затоа добредојдовте во НАТО“, посочи Јенс Столтенберг.

На барање на Столтенберг при подигнувањето на знамето во командата на НАТО во Норфолк истиот говор го прочита генерал Андре Ланата.

„Приклучувањето во Алијансата е добро за Северна Македонија, тоа е добро и за стабилноста на Западен Балкан и за меѓународниот мир и безбедноста. Во времиња како ова пријателите и сојузниците се најважни, а Северна Македонија ги има најдобрите пријатели и сојузници“, истакна Андре Ланата.

Ова е историски ден за НАТО и за сите граѓани на Северна Македонија порача шефот на постојаната мисија на земјава во НАТО во Брисел Зоран Тодоров.

„Со членството во НАТО нашата иднина ќе биде стабилна, безбедна и просперитетна и ние ќе носиме одлуки за најважните прашања во рамките на најсилната, најдобро организираната и најефикасната алијанса во историјата на човештвото. Од сега натаму не сме сами“, вели Зоран Тодоров.

Свечената церемонија преку видео врска од Владата ја следеа техничкиот премиер Оливер Спасовски заедно со сите министри. Тој рече дека членството НАТО е најголемиот успех на земјава и нашето знаме гордо се виори заедно со другите сојузници.

„Патот беше долг но наградата што пристигна денеска со погледот на знамето на нашата земја во седиштето на НАТО во Брисел ја заслуживме. Бидете горди мои сограѓани. Знамето на Република Северна Македонија е симбол на сигурна, безбедна и просперитетна иднина на нашата земја“, порача Оливер Спасовски.

Формалната постапка за членство во НАТО официјално беше затворена во петокот по депонирањето на инструментот за пристапување кон Северноатланскиот договор во Стејт Департментот во Вашингтон. Претходно сојузниците во Алијансата го потпишаа пристапниот протокол во февруари минатата година по што и нивните национални парламенти ги усвоија ратификациите за нашето зачленувањето во НАТО.