Независно од името, чувството за етничката припадност е нешто друго, одговори министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу на прашање на ТВ21 за последните вработувања во општина Куманово.
-Независно од името, чувството е нешто друго. На крајот на денот, некој може да каже името ми е вака, но се чувствувам вака. Ние немаме право ниту со закон ниту со Устав да го занемариме-вели Алиу.
Додека сите министри постојано признаваат дека има злоупотреби во однос на етничката припадност при вработувањата во државната администрација, ниеден од нив не ги засука ракавите за да смени нешто. И министерот Алиу тврди дека сега не постои законско решение но дека работат во тој правец.
-Злоупотребите се на индивидуално ниво, не се на институционално, така што секој граѓанин сега за сега има законско право според Устав да се чувствува секој ден различно. Нашето министерство ја анализира работата на балансерот и другите форми со кои ќе се оневозможи ваква злоупотреба, за што сега се користат законските можности и личното чувство со што се прават злоупотреби на овие процеси-рече Алиу.
Со вработување на Македонци на работни места за кои се бараат Албанци или обратно, подразбира злоупотреба и на балансерот кој служи за уредување на еднаква и соодветна застапеност на етничките заедници во јавната и државната администрација. Можно решение на овој проблем министерот за правда, Кренар Лога, најави со воведување на етничката припадност во изводот до матична книга на родените.
