Нема конкретно објаснување од Владата за одлуката за разрешувањето на генералниот директор на Македонски пошти Јани Макрадули. На денешната прес конференција на Владата беше прочитано вчерашното соопштение за владината одлука.
„Беше заклучено Владата да му препорача на Надзорниот одбор на Акционерското друштво за поштенски сообраќај Пошта на Северна Македонија да го отповика Јани Макрадули од должноста претседател на Управниот одбор и генерален директор“, вели Душко Арсовски.
Но запрашан за причините за одлуката за разрешувањето, портпаролот на Владата Душко Арсовски само кратко вели дека е за подобрување на работењето на Пошта. Нема ниту конкретен одговор дали разрешувањето на Макрадули има некаква поврзаност со случајот на екс генералниот секретар на Влада Мухамед Зеќири против кого има обвинение за склучување договор во четири очи за консултантски услуги за приватизација на Македонски пошти.
„Владата му препорача на Надзорниот одбор на Пошта на Северна Македонија да го разреши Јани Макрадули заради подобрување на состојбите во компанијата и јакнење на капацитетите на менаџментот“, вели Арсовски.
Н. Дали разрешувањето на Јани Макрадули има некаква поврзаност со случајот на поранешниот генерален секретар Мухамед Зеќири?
„Можеме само да го повториме ова што веќе го кажавме за причината зошто е разрешен заради подобрување на состојбите во компанијата и јакнење на капацитетите на менаџментот“, одговара Арсовски.
За разрешувањето на Макрадули уште вчера се обидовме да добиеме став од него лично, но тој ни рече за причините да бараме одговори од тој што го разрешил. На местото на Макрадули во Македонски пошти е именуван досегашниот заменик директорот на Агенцијата за вработување Васко Стефанов. За Стево Крстевски досегашниот директор на Фондот за здравствено осигурување од Владата велат дека тој самиот поднел оставка поради лични причини. За вд директор на Фондот е именувана досегашната претседателка на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска Грашковска.
