Францускиот претседател Емануел Макрон порача до јавноста дека Франција „не води војна“ на Блискиот Исток, и покрај испраќањето воени засилувања во регионот, вклучително и носачот на авиони „Шарл де Гол“, нагласувајќи дека целта е заштита на француските граѓани и сојузници погодени од иранската одмазда.
„Не сме во војна. Франција не води војна на Блискиот Исток и таму нема да се вклучи. Многу добро ја разбирам и ја слушам вашата загриженост, но сакав да бидам многу јасен. Франција ги штити Французите, своите сојузници и стои покрај Либан“, одговорил Макрон на Инстаграм на корисник кој изразил загриженост за последиците од израелско-американската офанзива во Иран, пренесува „Фигаро“.
Францускиот претседател додал дека воените сили се испраќаат со цел „да пресретнат дронови и ракети“ и да го обезбедат поморскиот сообраќај, нагласувајќи дека сите операции се спроведуваат „на целосно мирољубив начин“.
