Макрон има решение за МК-БГ, ги повикал Петков и Радев да им го соопшти

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Румен Радев и Кирил Петков наскоро ќе отпатуваат за Франција, каде се очекува Емануел Макрон во последните денови од претседавањето со Европската унија да им го претстави предлогот за укинување на ветото за членство на Македонија во ЕУ.

Кој е планот? Француското претседателство да ги вклучи сите бугарски барања во преговарачка рамка, а нивното спроведување да го гарантира самиот Макрон.

„Ова во пракса значи дека целосно му веруваме на Макрон, но во исто време ризикуваме да западнеме во децениски спор, бидејќи секоја од земјите-членки ќе може да блокира каква било одлука. Тоа ќе биде бесконечен спор, а ние не сакаме како Турција да завршиме“, велат од Владата на Бугарија за БГНЕС.

Но, според друг учесник на седницата на Советот за безбедност, францускиот план содржи предлози кои не се целосно јасни и воопшто не е сигурно дека Европската комисија може да даде гаранции за нивно спроведување во иднина.

Од друга страна и Украина е аргумент за брзо решение. „Многу лош сигнал би бил ако Украина добие покана, а Македонија и Албанија продолжат да чекаат и поради таа причина француското претседателство брза со предлогот“, смета друг извор од бугарската влада.

На последниот коалициски состанок во Софија било договорено никој следните две недели да не коментира или зазема став по прашањето со Македонија. Во исто време, сите претставници на различните политички партии кои учествуваат во Владата на Бугарија ќе тврдат дека „нема назадување по прашањето за Македонија и ќе бидат заштитени националните интереси на нашата земја“.

Петков вели дека во моментов знае дека се работи многу на ниво на МНР за да се утврди какви се сите можности за напредок на темата Северна Македонија. Според него, не може да се потврди ништо во однос на чекорите.


„Во моментов знам дека на ниво на двете министерства се врши многу голема работа за да се разгледаат сите возможни опции за напредок на Северна Македонија. Но, прв меѓу дипломатите да се постигне договор за да се продолжи напред, но не можеме во моментов да потврдиме ништо од реалните чекори“, вели Петков.

Наредниот состанок на Европскиот совет е на 23-24 јуни, кога паралелно ќе се одржи и средба на ЕУ со лидерите од Западен Балкан.