Макрон најави рекордни 93 милијарди евра инвестиции преку програмата „Избери ја Франција“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од првото издание на „Избери ја Франција“ во 2018 година, една година по доаѓањето на на францускиот претседател Емануел Макрон на власт, биле најавени повеќе од 230 проекти кои претставуваат неколку илјади работни места, соопштија од Елисејската палата.

На меѓународна конференција во понеделник, Макрон изјави дека очекува „рекордни“ странски инвестиции во износ од 93 милијарди евра, вклучувајќи и инвестиции во вештачка интелигенција и центри за податоци.

Околу 200 директори од целиот свет се очекува да присуствуваат во палатата Версај, западно од Париз, на годишниот настан „Избери ја Франција“ на Макрон.

Минатогодишната конференција постави рекорд од 20 милијарди евра најавени проекти. Но, веќе ветените средства за оваа година се очекува да го надминат вкупниот износ од 87 милијарди евра собрани во последните осум години, според податоци од кабинетот на Макрон.

„Ова издание на ‘Избери ја Франција’ само по себе ќе овозможи кристализирање на рекорден износ од 93 милијарди евра потврдени инвестиции, за повеќе од 15.000 работни места. Очигледно ова е далеку најголемо издание и историско,“ изјави Макрон.

Макрон изјави дека другите инвестиции ќе бидат насочени кон „вештачка интелигенција, центри за податоци“, како и полупроводници, критични минерали, трактори и камиони, челик и здравство. Toj додаде дека проектите ќе помогнат Франција да стане „далеку водечка земја за сместување центри за податоци“ и за „компјутерски капацитети во Европа“, како и „напредна база за производство на роботи со вештачка интелигенција и индустријализација преку ВИ“. Макрон истакна дека со тоа се „премостува јазот во компјутерските капацитети во Европа“ во споредба со САД и Кина.