Францускиот претседател Емануел Макрон вети дека ќе ја забрза испораката на нови ракети за противвоздушна одбрана на Украина. Ова го најави по разорните руски напади врз украинскиот град Кривји Рих и по разговорот со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Разговарав со претседателот Зеленски по двојниот руски напад среде бел ден врз трговски центар во Кривји Рих, во кој има голем број цивилни жртви, и го изразив нашиот ужас и длабока тага“, напиша Макрон на X.
Макрон рече дека го уверил Зеленски во „зајакнување на нашата поддршка преку распоредување ракети за пресретнување“.
„Од суштинско значење е сите земји што ги имаат овие капацитети исто така да се приклучат кон овие напори. Мораме и понатаму да го зголемуваме притисокот врз Русија, сè додека таа избира да го одбива прекинот на огнот и мирот“, додаде францускиот претседател.
Во објавата на X, Макрон соопшти и дека сојузниците на Украина, кои се дел од коалицијата предводена од Париз и Лондон, ќе се состанат на 24 август за да ги разгледаат начините за зголемување на притисокот врз Москва со цел таа да ја прекине целосната инвазија врз Украина, која започна во февруари 2022 година и досега однесе десетици илјади животи во двете земји.
Британскиот премиер Енди Барнам и германскиот канцелар Фридрих Мерц се очекува да бидат домаќини на состанокот на коалицијата, кој ќе се одржи во Киев, а лидерите ќе учествуваат физички и онлајн. Кабинетот на Макрон не прецизираше кои лидери ќе присуствуваат во Киев.
Без да даде детали, Макрон рече дека забрзаната испорака на ракети за пресретнување е во согласност со преземените обврски во јули, при започнувањето на Коалицијата за интегрирана одбрана од балистички ракети.
На состанокот во Париз, група од десет европски земји се согласија да развијат систем за одбрана од балистички ракети, како поевтина алтернатива на американскиот систем за противвоздушна одбрана „Патриот“. „Патриот“ е единствениот систем со кој располага Киев, а кој е способен да пресретнува балистички ракети со голема брзина што Русија ги користи против украинските градови.
Макрон рече дека Париз ќе го забрза распоредувањето на новиот систем SAMP/T во Украина, ќе му даде на Киев лиценца за производство на ракети за пресретнување, како и ќе го забрза распоредувањето на крстосувачките ракети со долг дострел SCALP и друго оружје.
По двочасовниот телефонски разговор, Зеленски изјави дека тој и Макрон разговарале и за состојбата со мировните преговори и контактите со САД. Досегашните напори на американскиот претседател Доналд Трамп за постигнување мировен договор меѓу Москва и Киев не дадоа резултат.
„Се согласивме за чекорите што можат да отворат дополнителни дипломатски можности“, изјави Зеленски.
Додека двајцата лидери разговарале, украинските спасувачки екипи продолжиле со операциите на местото на разорниот руски напад со дронови врз трговски центар во Кривји Рих, додека Русија продолжува со нападите низ Украина.
Два руски дрона го погодија најголемиот трговски центар во градот попладнето на 21 август, во момент кога голем број жители пазарувале пред почетокот на викендот.
Во нападот загинаа најмалку 16 лица, а повеќе од 130 се повредени, меѓу кои 23 деца, од кои неколку се во критична состојба. Уште четири лица се водат како исчезнати. По нападот, Зеленски повторно ги повика сојузниците на Украина да обезбедат дополнителни средства за противвоздушна одбрана.
