Мали надежите на ден пред Советот на ЕУ – Заев: Македонија ги исполни обврските, треба да биде дел од ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На ден пред одржувањето на Советот на ЕУ веќе и очекувано е дека Македонија повторно ќе остане пред вратите блокирана од соседна Бугарија. Премиерот Заев кој беше во посета на португалската амбасадорка Марија Виржиња Пина само кратко повтори дека Македонија треба да биде дел од Европската унија.

„Покажавме како држава дека сме функционална мултиетничка демократија, која што е силно определена кон европските вредности. Ни значи поддршката од земјите членки на ЕУ. Но, нашиот став е дека за сработеното, време е да се оддаде признание преку конкретен исчекор на нашиот евроинтеграциски пат.“, вели Заев.

Со добро познати формулации дека Македонија треба да ги почне преговорите и дека е многу важно да се продолжат разговорите за отворените прашања со Бугарија зборуваше и евроамбасадорот Дејвид Гир. Дали по португалскиот сега ќе имаме и нов предлог тој не одговори конкретно а не сакаше да го коментира однесувањето и реториката на дел од бугарските политички личности и особено на европратеникот Ангел Џамбаски дека Македонија е бугарска држава.

„Секако ги цениме напорите да се решат нерешените прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија. Тоа навистина е важно и нешто кон што повикуваме што се однесува до отворањето на самите преговори тука можам да го повторам она што го кажува лидерството на Европската унија се надеваме дека преговорите ќе се отворат што е можно побргу. Што се однесува до забелешките дадени од извесни политичари на други земји и пратеници од земји членки јас нема да коментирам за тоа, не е тоа во мојата пракса.“, рече Гир.

Утрешниот Совет на ЕУ е последнен со кој ќе претседава Португалија, а од први јули, претседателството го презема Словенија. Пред одржувањето на состанокот премиерот Заев за ТВ21 информираше дека предлогот што го однел во Софија воопшто не се однесува на прашањата за македонскиот јазик и идентитет. Предлогот што го доставивме во Бугарија е Патоказот, согласно кој двете страни се обврзуваме за зголемување на ефикасноста во сите области на соработка со конкретни рокови и задолжени институции, меѓу кои  и предлогот за интензитетот на идното работење на Историската образовна комисија меѓу двете земји, потенцираше Заев.