Мали се шансите за уставни измени – „Ако нема измени, влегуваме во длабока политичка криза“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Фокусот на Владата на политички план во оваа година секако ќе биде како да се реализира процесот на усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите во Преамбулата што е предуслов на земјава за продолжување на преговорите со Европската унија. Во овие услови тешко е да се каже како ова би можело да се реализира бидејќи власта го нема потребното двотретинско мнозинство во Собранието, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ цврсто стои на ставот дека не поддржува уставни измени туку дека се потребни предвремени избори. Комуникологот Петар Арсовски не е голем оптимист и вели дека мала е веројатноста уставните измени да се донесат со консензус на партиите.

„Во моментот опозицијата ВМРО-ДПМНЕ па и Левица се против уставните измени и тоа евентуално може да се надмине со некаков договор помеѓу партиите или со некаков механизам како што се случи за Преспа меѓутоа тоа веќе не е во спектарот на политичкото дејствување. Ако тие два механизми се одземат многу се мали веројатностите во 2023 да се донесат уставните измени. Сепак притисокот од меѓународната заедница ќе биде голем бидејќи кога ќе заврши објаснувачкиот скрининг Македонија нема да може да ги продолжи преговорите без донесените уставни измени.“, рече Арсовски.

Македонија треба да ги донесе уставните измени до крајот на оваа година, односно во ноември кога ќе заврши скринингот. Доколку измените не се изгласаат процесот ќе се стопира, а постои опасност земјава повторно да влезе во слеп колосек на европските интеграции, но воедно и интересот и активноста на меѓународната заедница што во моментов ги имаме ќе ги изгубиме. Арсовски вели дека во тој случај влегуваме во политичка криза, а единствена разврска би била лидерска средба.

„Да, влегуваме во слеп колосек во таа ситуација и влегуваме во една политичка криза во која или на избори или преку други механизми граѓаните ќе мора да одлучат и партиите и граѓаните и политичките елити дали европскиот пат е вистинскиот пат за Македонија бидејќи во таа ситуација овој тивок бојкот на европските интеграции ќе се претвори во активен бојкот. Не гледам јас разврска освен некаква лидерска средба, некакви заеднички политички консултации, некаков ресет на политичкиот систем барем неколкуте поголеми партии да одлучат за некоја национална стратегија.“, изјави Арсовска.