Вработените во Детската клиника, кои немаат земено плати од јануари, протестираа пред Министерството за здравство, барајќи решение за нивниот работен статус и заостанатите исплати.
Рекоа барале состанок со Министерот за здравство за да разговараат за нивните вработувања и платите, но не добиле позитивен одговор. Одговор сè уште немаат ниту од Министерството за финансии, пред кое протестираа минатата недела.
„Шефицата на кабинетот и не знам кој беше ни кажаа дека со вашиот проблем ќе се занимаваме повеќе од понеделник, неделата што почна, до сега немаме никаква информација. Министерот пред 2-3 дена ни кажа дека сме волонтери, но ние всушност немаме потпишано ниту еден документ дека сме волонтери“, изјави Самир Нухи, вработен во Детската клиника.
„Не добивме никаков одговор. Ова не е прв пат да се случува; вакви ситуации се повторуваат со години. Имало случаи кога се доцнеле финансиски средства и слични прашања, но на крајот ние секогаш сме биле платени. Сега одговорноста се префрла од една страна на друга“, изјави Седат Буши.
Сепак, за време на протестот беа повикани на состанок од министерот за здравство во просториите на министерството. По состанокот, министерот Азир Алиу изјави дека платите не можат да се дадат ретроактивно, бидејќи тоа не го дозволува законот.
Апелираше до директорите на јавните здравствени институции да не даваат ветувања без административна основа и да не создаваат лажни надежи кај работниците.
„За жал овие вработени немаат позитивна согласност од државните институции затоа што директорите, администрацијата и директорите прават барање до Министерството за здравство и потоа ние во Министерството за финансии со цел да се дефинира буџетот за фискалната година, односно дефинирањето на буџетот за фискалната година се прави во јануари и трае до 31 декември. И во 2026 година имало нови вработувања во оваа клиника, ако не грешам имало 28 вработувања кои се покриени“, рече Алиу.
Инаку, директорот на Универзитетската клиника за детски болести, Реџеп Мемеди, вчера за ТВ21 изјави дека клиниката се соочила со недостиг на персонал, поради што на крајот од 2025 година направила вработувања, каде со согласност од Министерството за финансии ангажирала и медицински, административен и технички персонал со договор на дело, но според него, во април 2026 година од Финансии е добиен негативен одговор за продолжување на договорите.
Инаку, без работни договори и без плати останале околу 50 вработени во институцијата, каде поголем дел од нив повеќе не одат на работа, додека мал број продолжуваат со надеж дека ќе им се регулира договорот.
