Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“ги поканија новинарите на организирано патување од едниот до другиот крај на главниот град, при што се разговараше за јавниот превоз во Скопје и за патувањата со автобусите на БРТ-линиите и градскиот воз.
„Целта на тој бесплатен јавен превоз е патниците да се задржат во автобусите, спротивно на тоа што се случува во Скопје во последните години, кога јавниот превоз е деградиран и практично не постои железнички јавен превоз. Тие патници денес се во автомобилите, што создава сообраќаен хаос и прекршоци. Затоа ќе има градски воз кој ќе го олесни патувањето од периферијата до центарот, како и БРТ-автобуси кои ќе го олеснат движењето од исток кон запад и од север кон југ.“, вели Дарко Арсовски Петровски.
Како што информираа учесниците, една од трите траси за градскиот воз е подготвена, додека другите две дополнително ќе се проектираат.
Преку организираното патување со автобус по трасата на БРТ, одблизу беа претставени различните форми на јавен и активен превоз долж Втората линија на градскиот воз во главниот град.
„Градскиот воз опфаќа три правци: Зелениково – Скопје преку станицата Сандански; Драчево – Лисиче – Скопје, каде што градежните активности веќе започнаа и се во завршна фаза со реализација од 98 проценти. За другите две фази, од Волково преку Ѓорче Петров и Скопје-Север, потоа Миладиновци, Илинден, Маџари до Скопје, објавивме постапка за избор на проектант за техничката документација.“, вели Ивана Биковска, помошник-директорка во ЈП „Железници-инфраструктура“.
„За илустрација ќе кажам дека патувањето од крајната точка Миладиновци до железничката станица трае 18 минути, додека автобусите на ЈСП истата релација ја поминуваат за 65 минути. Нивниот капацитет е четири пати помал од капацитетот што го имаат нашите возови.“, изјави Горанчо Јовановски, директор на патнички сообраќај во „Македонски железници“.
Но, екологистите апелираат до надлежните да не го уништуваат зелениот парк за изградба на терминал за БРТ-автобусите, туку да го искористат државното земјиште од другата страна на улицата, кое е со иста големина. Активистите велат дека со измена на урбанистичкиот план може да се промени проектот и да се спаси паркот во населбата Ново Лисиче, во источниот дел на Скопје.
„Тука е предвидено да се постави крајната станица, депото и сервисниот центар за брзите БРТ-автобуси, а другата локација е во Ѓорче Петров. Во овој парк се предвидува да бидат паркирани сите возила како голем паркинг-простор. Не знаеме дали ќе зафаќа 5 или 7 хектари, но се наоѓаме на место што треба да се развива. Луѓето со децении живеат тука и се навикнати да го користат овој простор.“, рече Димитар Самарџиев од Здружението на градинари на Скопје.
Годишниот буџет на ЈСП изнесува 30 милиони евра, од кои 15 милиони се финансираат од Град Скопје и Владата. Сѐ уште не е познато колку ќе чини проширувањето на булеварите и отстранувањето на зеленилото од средишните појаси за да се овозможи реализација на градскиот воз, како и изградбата на третата лента за БРТ-автобусите.
