Малиот Груевски или Фројд!? – Реториката на Ковачевски и Мицкоски премина на лични квалификации

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Малиот Груевски или Фројд. Кој какви проблеми има фројдовски или гастроентерохепатолошки. Кој кому повеќе да му возврати во вербалната пресметка меѓу лутите ривали Мицкоски и Ковачевски, која сега веќе премина и на лични квалификации. Впечатлив е речникот и на двајцата политички неистомисленици, едниот премиер, другиот лидер на најголемата опозициска партија,  кој на моменти наликува на комичен дуел, но во суштина дозволија нивото на комуникација да се спушти многу ниско.  Последната од нив е на премиерот кој вчера му одговори на Мицкоски кој пак рече дека  кај Ковачевски работи Фројд.

„Јас ја видов изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Сакам да му одговорам на првиот дел од неговата изјава, во која што тој спомнуваше автори од делот на психотерапијата. Сметам дека проблемите на Северна Македонија се многу помалку од психотерапевтска природа односно тие се многу повеќе проблеми од гастроентерохепатолошка природа“, вели Димитар Ковачевски.

Одговорот на Ковачевски следува само неколку часа откако вчера и Мицкоски имаше слична изјава, односно квалификација за премиерот. За волја на вистината и изјавата на шефот на опозициската партија всушност беше одговор на тоа што претходно го кажа Ковачевски, има мал и голем Груевски кој владее во ВМРО-ДПМНЕ.

„Ја слушнав таа изјава и морам да кажам дека кај господинот Ковачевски Фројд проработел. Можеби тој има лична фрустрација од мали работи и поради тоа прави споредба со тие мали работи. Јас би го советувал дека тие мали работи кои што претпоставувам него го фрустрираат, не треба да го фрустрираат, треба да гледа од позитивната страна на тоа бидејќи уште за малку ќе биде таму каде што е“, вели Христијан Мицкоски.

Мицкоски и Ковачевски не се најдоа на исто мислење ниту за тоа дали би требало да има лидерска средба. Едниот смета дека е потребна средбата  за одржувањето избори, другиот вели ако разговараме за влезот во еу може

„Дали сакал Ковачевски или не сакал избори ќе има. До сега во овие повеќе од 3 децении не се случило да нема лидерска средба на која што ќе се договорат термини за тие избори. Не се случило да нема разговори во кој што ќе се дефинира Изборниот законик затоа што таму има препораки од ОБСЕ ОДИХР. Ако мисли дека не треба да се разговара, во ред, одговорноста е негова“, додава Христијан Мицкоски.

„Што се однесува до одржување на лидерски средби ние сме имале лидерска средба, може да имаме и повторно каде што нормално ќе учествуваат сите лидери бидејќи одлуките за избори се носат со консензус. Меѓутоа тоа прашање е апсолвирано веќе со оглед на тоа дека ние имаме поважен процес во државата,…а тоа е носењето одлуки за продолжување на евроинтеграцискиот пат на државата“, посочи Димитар Ковачевски.

За одржувањето на изборите на пролет претседателските и парламентарните засега нема договор дали тие би можеле да се одржат заедно.