Минатата година, помалку од 10% од компаниите во Полошкиот регион ги искористиле грантовите на Министерството за економија. Поради ова, министерот Бесар Дурмиши заедно со градоначалникот на Општина Боговиње, Фети Абази, посетија неколку компании за да ги информираат за поддршката што им ја овозможува Владата.
„Единствена цел – да се зголемат производствените капацитети, да се зголеми бројот на вработувања, компаниите да успеат да ангажираат повеќе работници и истовремено да го намалиме бројот на невработени во нашата држава, со што ќе исполниме едно од барањата што ги предвидува и реформската агенда на Европската Унија – намалување на невработеноста. Започнавме во Полошкиот регион бидејќи, според информациите што досега ги добивме, ова е единствениот регион каде што има помал број апликации, односно помал интерес за овие мерки“, изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
И покрај пакетите што ги нуди Владата, интересот на компаниите во овој регион и натаму останува на прилично ниско ниво. Во таа насока, локалната власт во Боговиње вети максимален ангажман за ширење на информациите до секој бизнис, со цел да биде мост помеѓу претприемачите и ресорното Министерство за економија.
„Ние како општина ќе направиме сѐ за да соработуваме со министерот. Доколку има нешто што треба да го реализираме или информација што треба да стигне до секоја компанија, ние ќе ја преземеме таа обврска. Затоа уште еднаш му благодариме на министерот за поддршката. Денешниот ден го посветивме максимално да го искористиме за да се сретнеме со сите компании, а за наредните очекувања дополнително ќе ги информира и самиот министер“, изјави градоначалникот на Општина Боговиње, Фети Абази.
Јавниот повик е отворен до 15 јуни.
