Марко Рубио со честитка до македонските граѓани: САД се горди што ја имаат Македонија за доверлив сојузник и партнер

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот државен секретар Марко Рубио упати честитка до граѓаните на Северна Македонија по повод 35-годишнината од независноста.

Во честитката, Рубио порача дека Соединетите Американски Држави се горди што ја имаат Северна Македонија за доверлив сојузник и партнер.

„Во име на американскиот народ, упатувам најтопли честитки до народот на Северна Македонија додека ги одбележувате 35 години независност“, се наведува во честитката.

Рубио ја истакна улогата на Северна Македонија во зајакнувањето на безбедноста и стабилноста во регионот, особено преку соработката во областа на одбраната, борбата против тероризмот и сајбер-безбедноста.

Американскиот државен секретар го поздрави и континуираниот развој на економското партнерство меѓу двете земји, вклучително и преку овогодишниот Стратешки дијалог во Вашингтон.

„Заедно ги унапредуваме можностите во енергетиката, инфраструктурата, технологијата и другите сектори, со цел зајакнување на просперитетот во двете наши земји“, порача Рубио.

Тој на граѓаните им посака радосен Ден на независноста, како и континуиран мир, безбедност и просперитет во годините што следуваат.

Честитка по повод 8 Септември – Денот на независноста упати и Амбасадата на САД во Скопје.