Со венци цвеќе в раце се упатија кон ковид-центарот во Тетово за да им оддадат почит на 14 жртви од пожарот.
Во организација на навивачката група „Балисти“ маршот почна од Плоштадот „Илирија“. Маршот беше мирен и без скандирање, во чест на 14 загубени животи.
Откако пристигнаа пред ковид-центарот, учесниците се приближија до изгорените соби, иако на почетокот полицијата не им дозволуваше да се доближат. Се обидоа да им објаснат дека не смеат да влезат во периметарот обележат со полициска лента, но потоа се договорија да влезат само неколку учесници од групата за да положат цвеќе. Новинарите останаа надвор.
-Браќа и сестри ви благодарам за поддршката. Ќе одржиме едноминутен молк во чест на жртвите, бидејќи и денеска е ден на жалост. Ако може сите да седнат, да им оддадеме почит-рече Башким Идризи од навивачката група „Балисти“.
Демонстрантите, на загинатите сограѓани им оддадоа почит и со минута молк.
СЛАВА ИМ, СЛАВА ИМ!
Посакаа никогаш повеќе да не се повтори ваков трагичен настан.
-Дај Боже ова да биде последно што се случува во Тетово-вели Идризи.
Башким Идризи од навивачката група „Балисти“ рече дека нивната цел е преку маршот да побараат одговорност, но не сакаше да ги коментира оставките на министрите и директорите на тетовската болница.
-Ова е мировен марш. Го искажавме нашиот револт за она што се случи во болницата, но на мирен начин. Дај Боже ова да биде последно и никогаш повеќе да не се повтори вакво нешто. Бараме одговорност. Ние не се занимаваме со оставки и политики, ние сме навивачка група. Ви благодарам-рече Идризи.
За 18 часот беше закажан уште еден граѓански собир на местото на несреќата во чест на починатите.
