„Марш за 59 ангели“ во Кочани – семејствата на загинатите порачаа: Ова не е несреќа, ова е убиство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако стотици граѓани излегоа на протестот, тишината уште еднаш завладеа во Кочани…

Семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ маршираа низ улиците…Носеа фотографии од нивните најблиски кои настрадаа, транспаренти „Марш за 59-те ангели“, но и натпис дека ова не е несреќа ова е убиство.

Маршот започна точно во 12:05 часот…Учесниците предводени од семејствата поминаа покрај кафулето во градот, чиј сопственик е и сопственикот на дискотеката, а потоа пред зградата на Општината, полицискиот објект во градот, и зградата на судот во Кочани.

Таму, еден од родителите упати прашања до овие институции.

„Пред три независни институции поставувам три валидни прашања. Кој го уби мојот ангел, кој го уби мојот херој и кој го пеплоса тоа ангелско лице. Не само нејзиното, туку на сите деца“.

Други, пак, порачаа доколку полицијата си ја вршела својата работа, оваа трагедија немаше да се случи.

„Да имаше правда немаше ова да се случи….Да си ја работеше полицијата работата како што треба, ниту едно дете немаше да почине“.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ настрадаа 59 лица. Вчера, на повредите им подлегна уште едно лице, кое се лекуваше во странство, а кое се водеше како управител на дискотеката. Со тоа бројот на жртви се искачи на 60. Со оглед на тоа дека и управителот беше помеѓу лицата кои се опфатени со истрагата, обвинителството соопшти дека постапката против него ќе биде прекината. Со истрагата за пожарот опфатени се поранешен министер и директор на Државен пазарен инспекторат, вработени во Министерството за економија, полицајци градоначалници на Кочани, како и газдата на дискотеката. Како што е познато, дискотеката работела со лажна лиценца, а не исполнувала ниту услови за извршување на ваква дејност.