Масакр во Цетиње: 12 убиени, четворица ранети – убиецот се самоуби

НАЈНОВИ ВЕСТИ

45 годишниот Ацо Мартиновиќ уби 12 и тешко повреди 4 лица.

„Ова лице беше изолирано од полицијата и во тие моменти кога сфатил дека се наоѓа во безизлезна ситуација, ова лице се обидело да изврши самоубиство“, вели Данило Сарановиќ.

На повредите подлегнал при транспортот кон болница. На убиствата им претходела расправија в кафеана по што Мартиновиќ заминал и се вратил со оружје усмртувајќи го сопственикот на локалот и неговите деца, како и членови на сопственото семејство.

„Излегов на увид на шест локации и таму пронајдов во безживотна состојба 12 лица од кои две деца“, вели Андријана Настиќ.

Премиерот на Црна Гора  при посетата на ранетите во Клиничкиот центар најави дека ќе се размислува за целосна забрана за поседување огнено оружје.

„Утре најверојатно ќе имаме седница на Советот за безбедност каде што ќе разгледаме сите можности дури и целосна забрана на оружје и тоа е можност. Ова е една трагедија која навистина треба да се запрашаме кој се може да има оружје во Црна Гора и спортско и ловечко, разбираме, но критериумите мора да се заострат“, вели Милојко Спајиќ.

Сите повредени се во животозагрозувачка состојба.

„Тројца пациенти, двајца мажи и една пациентка стабилни се, синоќа оперирани и од утрово се во фаза на будење, поставени се на машина за дишење. Кај четвртиот пациент состојбата е исклучително критична, има повреди на главата, опериран е утрово“, вели Александар Радовиќ.

Новогодишната еуфорија згасна, улиците на Цетиње останаа празни.

„Не можеме да се опоравиме, на ваков начин, не. Можеме само сите заедно, сите“.

„Мојот братучед е еден од убиените и децата кои загинаа се синови од друг братучед. Сите се во шок, никој ова не го очекуваше… Не можеш никој ништо да го прашаш….

„Нема да се опоравиме ниту од претходната ниту од оваа. Ова не е Париз, ова е Цетиње“.

„Светот полуде, а видете каде тоа се чувствува најмногу…

Мартиновиќ од претходно и е познат на црногорската полиција кога при претрес во 2022-ра година кај него биле пронајдени воздушна пушка и експлозив. Ова е второ масовно убиство во Цетиње во последните две години. Во 2022-ра година загинаа десет лица, а шестмина беа ранети кога напаѓач со ловечка пушка пукаше кон соседите, екипата на Итната медицинска помош, припадниците на полицијата и случајните минувачи, пред да биде ликвидиран од полицијата.