Додека сум јас претседател, во фудбалот нема да има поделба на функции по етнички клуч, ова го порача претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ во гостувањето во Дејли Клик. Тој вели дека за него има само добри и лоши фудбалски работници, па врз база на ова ќе го гради и тимот на ФФМ.
„За мене, додека јас сум претседател, во фудбалот нема да има поделби на Македонци, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Власи, Роми и тн. За мене ќе има добри и лоши луѓе, добри и лоши фудбалски работници. Поделба по етнички клуч во фудбалот нема да има.“, рече Омерагиќ.

А, коментарите во јавноста започнаа кога се појави веста дека Леонид Јандриовски е нов генерален секретар на ФФМ, кој доаѓа на местото на Дрилон Ганиу. Омерагиќ со објаснување:
„Господинот Дрилон Ганиу тоа го знаеше. Ние сме договорени, дека до изборното собрание ќе биде в.д генерален секретар и тоа нема никаква врска со етничката припадност ниту на Дрилон Ганиу ниту на Леонид Јандриовски.“, вели Омерагиќ.

Вели дека фудбалската репрезентација е вистински пример за мултиетничност, која функционира беспрекорно.
„Нашата фудбалска репрезентација е пример за тоа што е Македонија, во која што, да не кажам играат сите етникуми. Енис Барди е еден фантастичен дечко, Алиоски…Не сакам такви поделби, не сакам воопшто да разговарам…“, рече претседателот на ФФМ.

Првиот човек на ФФМ, Омерагиќ воедно зборуваше и за очекувањата во квалификациите за СП. По победата и ремито во првите две кола, се надева дека квалификациите ќе ги завршиме на едно од првите две места во групата. За останувањето на Милевски како селектор, рече дека е негова лична одлука, и смета дека била фудбалски праведна. Воедно, вети дека во неговиот мандат ќе го подобри квалитетот на македонскиот фудбал, ќе ја подобри инфраструктурата, а фокусот ќе биде целосно насочен кон младите генерации, бидејќи како што вели, тие се нашата иднина.
