Машиновозачите останаа без плата – управата ветува дека ќе бидат исплатени утре

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Машиновозачите два месеца се без плата. Претседателот на Независниот синдикат на машинскиот персонал на Македонија, Душко Чакаровски, вели дека иако добиле ветување од Управата, сепак исплатата доцни.

Чакаровски вели дека утре ќе испрати допис до Министерството, и до Владата околу барањата на вработените.

Од Кабинетот на директорот на железничкото претпријатие, Аднан Азизи, велат дека утре ќе им биде пуштен и вториот дел од платата.

„И покрај фактот што претпријатието го најдовме во бедна финансиска и техничка состојба, додавајќи ги тука и последиците од пандемијата, ние по секоја цена се обидуваме да ја стабилизираме моменталната состојба. Во историјата на претпријатието, платите на работниците во последниве години секогаш биле исплаќани на 2, 3 или 4 од следниот месец. При крај сме со обезбедување средства за исплата на платите и многу брзо (утре) сите работници ќе добијат плати!“, велат од Кабинетот на директорот Аднан Азизи.

Покрај редовната исплата на платите, друго барање на синдикатот е да бидат обезбедени финансиски средства за поправка на локомотивите кои се со мали дефекти, како и да се спроведат нови вработувања, бидејќи како што велат, има дефицит од 40 машиновозачи. Исто така бараат Владата и Управата доколку имаат план за приватизација на железниците, да бидат што е можно потранспарентни со Синдикатот.