Материјални штети и во земјоделството – поројниот дожд поплави подруми и куќи

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Паднати дрвја, поплавени подруми, оштетени автомобили и посеви, се последица од  вчерашниот пороен дожд и град.

Улицата „Цветан Димов“ во Чаир беше преполна со вода. Автомобилите беа блокирани и едвај се движеа.

А во населба Автокоманда  поради невремето падна железната ограда на еден мост и поради тоа улицата беше блокирана.

Силно невреме имаше и во тетовскиот регион. Под вода беа голем број улици, каде сообраќајот беше целосно блокиран и во градот но и на автопатот Тетово-Скопје.

Штети имаше и во тетовската болница. Подот на едно одделение беше поплавен , со вода и кал.

Една граѓанка вели дека тие имаат големи штети и кога врне малку дожд.

Имаме големи штети, се случи тоа што се случи. Тоа е работа на Бога. Никој не може тоа да го стопира но работите треба некако да се средат. Поставиле тука ѕид исто и кај браната и секогаш водата доаѓа овде. И кога врне малку ние имаме поплава, но кога имаме вакви врнежи . . . гледате и сами до горе стигнала водата. Има големи штети. Не сакаме пари само некако нека се среди ова.

Од Општина Тетово преку Фејсбук објава ги известија сите граѓани на општина Тетово кои имале штети на своите домови, истите да ги пријават до општина Тетово, односно до комисијата за проценка на штети. Притоа, барањата мора да бидат придружени со фото доказ.

Командантот на Противпожарна единица, Авни Амети, изјави дека и во текот на денешниот ден продолжиле акциите за вадење на водата од подрумите.

Ги замолувам сите земјоделци да ги пријават случаите во Министерството за земјоделство. За другите штети граѓаните треба да се обраќат кај регионалниот центар за справување со кризи или во бројот 112. Исто така апелираме до сите граѓани кои имаат потреба за помош од Противпожарна единица, да не се двоумат, ние сме 24/7 на нивно располагање“, вели Авни Ахмети.

Штети поради невремево во посевите  се пријавени во кумановскиот и липковскиот регион.