Околу 16 илјади матуранти денеска полагаа државна матура на мајчин јазик. Оваа генерација, за разлика од останатите, поради пандемијата со Ковид-19 поголемиот дел од наставата ја одржа без физичко присуство, на почетокот на пандемијата имаше прекини на настава, а како за крај, се соочија и со штрајк на наставниците.
Министерот за образование, Јетон Шаќири од матурантите очекува максимални резултати, и покрај тоа што, како што рече, оваа генерација поминала низ големи предизвици во текот на образовниот процес.
„Јас лично очекувам со сиот труд и жртва што ја понесоа сите ученици и сиот труд и поддршка што ја дадоа професорите да постигнат максимални резултати. Убеден сум дека резултатите од оваа државна матура ќе имаат ефект, и покрај причините што ги спомнав претходно, а кои беа дел од образовниот процес“, посочи Јетон Шаќири.
Шаќири вели дека со Испитниот центар направиле отстапки, па така, како што додава, тестот нема да содржи прашања од периодот кога немаше настава поради штрајкот. И директорката на Средното медицинско училиште Маја Салиу, вели дека прашањата се составени согласно ситуацијата низ која поминале.
Полагањето денеска почна навреме и без никакви проблеми, објаснува директорката на Испитниот центар, Елизабета Наумовска, презентирајќи го бројот на матурантите кои годинава полагаат државна матура.
Полагањето на вториот екстерен предмет е закажан за 13 јуни. Најмногу пријави има за англиски јазик, математика и германски јазик. Резултатите се објавуваат најдоцна 30 дена од последниот екстерен испит. Покрај екстерните, матурантите полагаат и два интерни предмети и изработуваат проектна задача. На крајот на учебната 2019-2020 за првпат не се организираше државна матура поради Ковид-19, а по барање на матурантите минатата година за олеснување на условите, бројот на екстерните испити од три беше намален на два, односно третиот екстерен беше спуштен на ранг на интерен испит.
