Има доволно вакцини и сите лица кои не се вакцинирале против голема кашлица ќе бидат поканети за имунизација, вели министерот за здравство Фатмир Меџити. Мал е бројот на вакцинирани затоа министерот апелира за имунизација за да не дојде до можна епидемија.
Во земјава за неколку дена регистрирани се два случаи на голема кашлица. Едно лице од Кичево и три месечно бебе се лекува на Институтот за белодробни заболувања Козле. За ТВ21 од Козле велат дека бебето е во стабилна здравствена состојба.
Во моментов нема информации дали и кога ќе заседава Комисијата за заразни болести. Кашлицата која го отежнува дишењето се манифестира преку инфекција која започнува во грлото. Болеста се пренесува преку кашлање и кивање, а заболениот може да ја пренесе и 3 недели откако ќе се појават првите симптоми. Болеста трае од 2 до 3 недели, а во некои случаи и од 2 до 3 месеци. Најранлива категорија се малите деца и бебињата, но болеста може да се појави и кај возрасните. Инаку, големата кашлица, која е многу заразна, го зафати регионот. Во Белград е прогласена епидемија со над 400 случаи и над 900 заразени низ цела Србија. Во Хрватска заболеле околу 4.000 деца, а пред Нова година од оваа тешка бактериска инфекција починало двеиполмесечно бебе во Босна.
