Директорот на одделот за кардиохирургија, Сашко Јовев не е единствен директор кој е разрешен, имало и други разрешувања од раководни позиции и оставки. Ова го кажа министерот за здравство Фатмир Меџити објаснувајќи ги причините и одлуката за разрешувањето на професорот Јовев.
Тој рече дека постојано се спроведуваат надзори низ клиниките од тим од МЗ и нема некоја субјективна причина во конкретниот случај, додавајќи дека со Јовев се пријатели и дека пред неколку дена пиеле кафе, но дека нема да дозволи злоупотреби во работата. За да покаже дека го почитува како лекар, министерот го покани разрешениот директор да биде национален советник за кардиохирургија во неговиот кабинет.
И самиот професор Јовев оценува дека неговото разрешување од позицијата директор не е врз политичка основа, според него станува збор за грешка во протокол но од МЗ велат дека типот од експерти констатирал дека Јовев бил дежурен без одобрение од МЗ во текот на 2022.
Министерот за здравство во понеделникот го разреши директорот на Клиниката за кардиохирургија, Сашко Јовев со првично образложение дека “повеќе нема да има директори кои седат и спијат по 5 или 10 години и немаат резултати“. Меѓутоа како што рече Јовев, ќе продолжи да им служи на пациентите во оваа здравствена институција.
