Меџити вели не е добар во математика – медицинските сестри незадоволни од висината на покачувањето на платите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И на меѓународниот ден на сестринството, медицинските сестри го изразија нивното незадоволство за нивниот статус, работните услови и посебно покачувањето на платите. Гордана Бешлиовска, претседателка на Сојузот на медицински сестри, изрази незадоволство за, како што вели, минималното покачување.

И Претседателот на здружението на медицински сестри од Гостивар, Џелал Салија, покачувањето го нарече минимално, а вели дека ќе продолжи со барањата како што е зголемувањето на коефициентот.

„Тоа е минимално покачување бидејќи е линеарно. Треба да се истакне дека скоро ништо не е покачено. Не можеме да застанеме тука, заедно со Сојузот ќе направиме договор и со синдикатите, за почеток да го испратиме законот во Комората на медицински сестри и за коефициентите, бидејќи засега е многу низок“, вели Џелал Салија.

Прашана да го коментира покачувањето на платите во здравство и покачувањето на платите на функционерите, Бешлиовска, рече дека не е достоинствено да се зборува за тоа.

Вчера при соопштување на веста за покачувањето на платите на здравствените работници, и министерот Фатмир Меџити беше прашан да направи споредба меѓу покачувањето на платите на здравствените работници и функционерите. Рече дека не е добар во математика.

„Навистина не ги знам бројките, не ми оди добро математиката, разбрав дека покачувањето е 78%. Прво требало да се покачат платите на здравствените работници а потоа на функционерите, јас сум здравствен работник и секогаш ќе бидам на нивна страна“, вели Фатмир Меџити.

Инаку покачувањето од 3000 денари, 2500 и 2000 денари, важи за сите вработени во јавните здравствени институции. Медицинските сестри со средно образование ќе добијат покачување од 9,6%, медицинските сестри со стручно високо образование, општите лекари и здравствените работници ќе добијат покачување од  5,8% и најмало покачување од 2,7% ќе добијат специјалистите.