Пожар во одмаралиште во Бангладеш, загинаа туристи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Најмалку 10 туристи загинаа во пожар во одморалиште на брегот во југоисточниот округ Кокс Базар во Бангладеш – најголемата туристичка дестинација во земјата, пренесува ДПА.

Долон Ачарја, службеник во Службата за противпожарна заштита и цивилна одбрана, изјави дека пожарот избувнал утринава во „Туптуп Ресто и Ризорт“ (Tuptup Resto and Resort) на плажата Патуартек. Пламените јазици целосно го уништија објектот. Одморалиштето се наоѓа на 320 километри југоисточно од главниот град Дака.

Ачарја рече дека пожарникарите извлекле јагленисани тела од внатрешноста на одморалиштето. Шест лица се спасени и итно пренесени во болница.

Талха Бин Џасим, портпарол на Службата за противпожарна заштита и цивилна одбрана, изјави дека меѓу загинатите има пет жени и едно петгодишно момче. Повеќето од нив допатувале од главниот град Дака. Засега не може да се утврди идентитетот на уште четири тела пронајдени во опожарените објекти.

Одморалиштето, сместено во двокатна зграда со дрвена конструкција, функционирало како објект за одмор на плажа, лоциран веднаш покрај живописниот пат „Марин Драјв“ (Marine Drive). Според веб-страницата на одморалиштето, тоа нудело сместување во еко-стил, со панорамски поглед кон морето и ридовите.

Причината за пожарот засега не е позната.

Султанул Африн Џунаид, шеф на Службата за противпожарна заштита и цивилна одбрана, на прес-конференција во седиштето на службата во Дака изјави дека во одморалиштето недостасувале мерки за заштита од пожари.

Тој наведе дека за изградбата на одморалиштето не била издадена дозвола од ниту една државна институција.

М. А. Манан, главниот администратор на округот, изјави дека е започната истрага за да се утврди причината за пожарот и настанатата штета.

Познат по најдолгата непрекината песочна плажа на брегот на Бенгалскиот Залив, Кокс Базар е главната туристичка дестинација во Бангладеш, која годишно ја посетуваат повеќе од 3 милиони туристи. Според Бирото за статистика на Бангладеш, повеќето од нив се домашни туристи.