Светски рекорд на Матка: Пештерата Врело стана најдлабоко истражената подводна пештера во светот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Подводната пештера Врело во кањонот Матка испиша нова страница во светската спелеологија. Меѓународен тим нуркачи достигна рекордна длабочина од 338 метри, поставувајќи три светски рекорди и искачувајќи ја Македонија на врвот на светската листа на најдлабоко истражени подводни пештери.

Историскиот успех е постигнат во рамки на експедицијата „Врело 2026“, која се одржуваше од 10 до 17 октомври, со учество на 15 спелеонуркачи од Македонија, Полска и Италија.

Како што информираат од Спелеонуркачкиот клуб „Врело“, нуркачите успеале да навлезат 51 метар подлабоко од претходно истражената длабочина од 287 метри. Според клубот, со овој подвиг се поставени три светски рекорди – за најдлабоко истражена пештера од човек, најдлабоко нуркање во пештера и најдлабоко длабинско нуркање на отворени води.

Рекордното нуркање го извел полскиот спелеонуркач Бартломиеј Питала, кој поминал девет часа под вода. За неговата безбедност се грижеле 12 нуркачи распоредени на различни длабочини, додека на површината биле подготвени медицински и спасувачки екипи, хипербарична комора, хеликоптерската единица на МВР, како и припадници на специјалната единица „Тигар“.

Покрај рекордната длабочина, експедицијата донела и значајни нови откритија. Истражувачите откриле два досега непознати подводни канали, со што се проширени сознанијата за пештерскиот систем.

Првиот канал, долг околу 100 метри, е откриен на длабочина од 33 метри, на приближно 300 метри од влезот на пештерата. Вториот канал се наоѓа на длабочина од 170 метри и се поврзува со главниот длабински канал. Вкупно, со новите откритија и достигнатата длабочина, истражени се повеќе од 150 дополнителни метри од пештерскиот систем.

За потребите на експедицијата, македонските нуркачи за првпат самостојно изработиле и поставиле специјална подводна воздушна комора, таканаречен хабитат, на длабочина од осум до девет метри. Комората била поставена на околу 130 метри од влезот и служела за безбеден престој на нуркачите за време на долгите декомпресиски процедури.

Дополнително, во пештерата биле распоредени повеќе од 30 боци со различни гасни мешавини, како и резервна опрема за осветлување и загревање.

Со достигнатите 338 метри, Врело, според соопштението на клубот, го презема првото место пред француската пештера Фонт Естрамар, со истражени 312 метри, и италијанската Елефанте Бјанко, со 292 метри.

Овој успех претставува значајно достигнување за македонската спелеологија и дополнителна меѓународна афирмација на кањонот Матка како природна атракција со исклучителен истражувачки потенцијал.