Мелони вели дека Трамп целосно ја измислил приказната дека го молела за фотографија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Италијанската премиерка Џорџа Мелони остро ги демантираше тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека таа го „молела“ да се фотографира со неа за време на самитот на Г7 во Франција, оценувајќи ги неговите изјави како „целосно измислени“.

Контроверзијата избувна откако Трамп во интервју за италијанската телевизија La7 изјави дека Мелони била „среќна што разговарал со неа“ и дека инсистирала да направат заедничка фотографија.

„Не морав ни да разговарам со неа. Таа ме молеше да се фотографирам со неа. Толку многу сакаше фотографија со мене. Немаше да прифатам, но ми стана жал за неа“, изјавил Трамп.

Неговите зборови предизвикаа остри реакции во Рим. Мелони соопшти дека е „искрено зачудена“ од ваквите тврдења и порача дека тие немаат никаква врска со реалноста.

„Изјавите на Доналд Трамп се целосно измислени. Не знам зошто претседателот на САД се однесува вака кон своите сојузници. Ова не е првпат“, истакна Мелони.

Таа додаде дека е разочарана што американскиот претседател покажува многу поголема попустливост кон противниците на Западот отколку кон долгогодишните партнери на Соединетите Американски Држави.

„Има една работа што треба да ја запомни: ниту јас, ниту Италија никогаш не молиме“, нагласи италијанската премиерка.

Незадоволството во италијанската влада дополнително го потврди министерот за надворешни работи Антонио Тајани, кој објави дека ја откажува планираната посета на САД следната недела.

„Сериозните и навредливи зборови на претседателот Трамп упатени кон Џорџа Мелони ја навредуваат цела Италија“, порача Тајани.

Во критиките се приклучи и еден од најблиските соработници на Мелони, Џованбатиста Фацолари, кој оцени дека Трамп ги нарушува историските односи меѓу Европа и САД.

„Не е јасно дали поради намера или неспособност, Трамп ги руши историските односи меѓу САД и Европа. Со своите несоодветни испади успеа да ги направи САД непопуларни низ целиот европски континент“, изјави Фацолари.

Инаку, Мелони во минатото важеше за еден од најблиските европски сојузници на Трамп и беше единствената европска лидерка која присуствуваше на неговата инаугурација во 2025 година. Сепак, односите меѓу двајцата лидери во последниот период се влошија, особено по несогласувањата околу конфликтот со Иран и критиките што Мелони ги упати кон Трамп поради неговите напади врз папата Лав XIV. Трамп тогаш возврати со обвинувања дека италијанската премиерка покажува недостиг на храброст.