Се размислува да се укине мерката за повластена електрична енергија домашните компании кои не ги намалиле цените на основни прехранбени производи, најави министерот за економија Крешник Бектеши. Сепак тој не кажа до кога ќе им се остави простор на компаниите од прехранбениот сектор да ги намалат цените откако веќе 6 месеци тие ја користат повластената цена. Рече дека се чека извештајот на Пазарниот инспекторат за тоа кој не го исполнил договореното. Иако со мерката се најавуваше дека голем дел од производите како што се лебот, маслото за јадење, месото и друго треба да имаат намалување на цените, тоа во голем дел не се случи., туку напротив некои од нив дури и ги зголемија цените.
„Во случај ако нема дополнително намалување секако дека ние ќе се доведеме во таква ситуација да се укине како поддршка од страна на Владата заради тоа што целта на таа поддршка која ја даде Владата по барање на стопанските комори беше да се влијае во делот на намалување на основните прехранбени производи“, вели Крешник Бектеши.
И покрај зголеменото производство на струја кризната состојба и натаму ќе трае, вели првиот човек на ЕСМ Васко Ковачевски. Тој истакна дека поради ниските температури особено последниов период има зголемена побарувачка на струја особено од ЕВН Хоум а зголемена побарувачка имало и од други субјекти со кои што имаат склучено договор.
„Кризата не се рачуна само кој ден колку електрична енергија ќе произведеме, туку кризната состојба со енергија и со електрична енергија една кризна состојба и другата кризна состојба со топлинска енергија ќе трае се додека е на важност одлуката која е донесена од страна на Собранието на Република Северна Македонија. Ние се трудиме во овој период со нашиот ангажман да ги задоволиме сите потреби пред се на граѓаните да го намалиме купувањето односно увозот на електрична енергија на минимална основа“, вели Васко Ковачевски.
На денешната прес конференција на Ковачевски и Бектеши беше соопштено дека во првите месеци од годинава, производството на електрична енергија е зголемено за 40 проценти во однос на истиот период претходната година. Дополнително беше речено и дека со зголемување на домашното производство ќе нема потреба од увоз и со тоа нема да има покачување на цената на струјата.
