Меркел повика на зголемување на производството на вакцини во ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Германската канцеларка Ангела Меркел ја истакна потребата од сопствено производство на вакцини против коронавирус во Европската Унија.

– Важно е да се обезбеди производство на вакцини на европско тло, рече Меркел во владината изјава во германскиот Бундестаг пред самитот на ЕУ, на кој вакцините се исто така една од централните теми.

Во Велика Британија се произведува за Велика Британија, САД не извезуваат вакцини, затоа, на долг рок, Европа може да се потпре само на она што ќе биде произведено тука, додаде таа.

Германската канцеларка повторно застана во одбрана на заедничкиот европски пат во сузбивањето на пандемијата на коронавирус.

– При сите тешкотии, верувам дека во пандемијата уште еднаш се покажа колку е добро што ја имаме ЕУ, рече таа и го потенцираше значењето на заедничко обезбедување и издавање дозволи за вакцините.

– Заедничкото обезбедување вакцини преку ЕУ беше правилно. Посебно кога се гледа дека и при најмалите разлики во распределбата се разгоруваат бурни дискусии, не е тешко да се претпостави што би било доколку одделни членки на ЕУ би имале вакцини, а другите не. Тоа до темел би го потресло внатрешниот пазар, смета Меркел.