По крвавата трагедија во Србија, Сојузот на средношколци излезе со неколку предлог мерки за спречување на меѓуврсничко насилство во училиштата. Ставот на Сојузот на средношколци е дека мора да се делува брзо и ефикасно за да се превенираат и избегнат негативните ефекти кои можат да следуваат по феноменот на насилство. Поради „домино ефектот„ предлагаат во училиштата да има полицајци за повисока безбедност.
„Полицијата да го засили обезбедувањето на училиштата најдоцна до крајот на учебната година, Канцелариите на психолозите да бидат отворени за средношколците, за тет-а-тет средби, Летниот распуст да се користи за изготвување на протоколот за нов модел на работа на стручните служби,
Обука на соработници, отворање бесплатни информативни линии и профили на социјалните мрежи каде што средношколците можат да пријават насилство од врсници“, велат од Сојуз на средношколци.
Секое дете е важно, додека кај нас се уште е табу тема родителите или самите деца да бараат психолошка помош, вели социологот Татјана Стојановска-Иванова. Таа вели дека истражувањата покажуваат дека по пандемијата, секое трето дете е жртва на сајбер булинг.
Овие предлози Сојузот на средношколци му ги достави на министерот за образование и наука, Јетон Шаќири. Но во училиштата е честа појава носењето на ладно оружје, како нож и железен боксирач. Министерот Шаќири ги повика учениците ваквите случаи да ги пријават.
„Доколку другар или другарка забележи дека некој од пријателите или колегите има таков елемент кој е опасен за секој од нас, слободно да испрати или тоа да го пријави во училишната служба, кај директорот, но исто така и во Министерство“, вели Јетон Шаќири.
Министерството за образование следните денови ќе организира средба меѓу МТСП, МВР и МЗ, а потоа ќе се објави и конкретниот план за спречување на насилство во училиштата. Министерството за образование отвори и е-маил адреса prijavinasilstvo@mon.gov.mk каде може да се пријави меѓуврсничко насилство.
