Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека размислува за намалување на бројот на американски војници стационирани во Германија, објави ТВ21. Оваа изјава доаѓа по вербалниот судир со германскиот канцелар Фридрих Мерц околу политиката кон Иран.
„САД моментално ја разгледуваат можноста за намалување на нашето воено присуство во Германија. Одлуката ќе биде донесена многу наскоро“, напиша Доналд Трамп на својот профил „Truth Social“.
Во 2024 година, над 35.000 американски војници биле стационирани во Германија, додека според германските медиуми, нивниот број моментално достигнува околу 50.000.
Двата претседателски мандати на Доналд Трамп се карактеризираат со отворени критики кон НАТО, како и најави за намалување на американското воено присуство во Германија и други европски земји.
Изјавата доаѓа еден ден откако Доналд Трамп го критикуваше канцеларот Фридрих Мерц, обвинувајќи го дека „не знае за што зборува“ за Иран, откако вториот оцени дека Вашингтон нема јасна стратегија и дека Техеран ги понижува САД.
По размената на остри изјави, американскиот државен секретар Марко Рубио оствари телефонски разговор со германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул. Во разговорот беше разговарано за ситуацијата со Иран и потребата од обезбедување слободна пловидба во Ормутскиот теснец.
Во меѓувреме, Фридрих Мерц се обиде да ги ублажи тензиите, нагласувајќи дека односите со Доналд Трамп остануваат добри, и покрај несогласувањата околу Иран.
