Месецов се очекува да почнат работите на вториот дел од автопатот Скопје – Блаце

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во понеделник се очекува да биде потпишан договорот со избраната компанија за изградба на втората делница од автопатот Скопје–Блаце. Тој изјави дека градежните работи на оваа патна делница се очекува да започнат во текот на овој месец.

Според Мицкоски, постапката за избор на изведувач е успешно завршена и овој проект претставува еден од приоритетите на Владата. Тој додаде дека со реализацијата на оваа делница, долга осум километри, конечно ќе се надмине еден долгогодишен наследен проблем.

„Успешно е завршена целокупната постапка, избран е изведувач, и во понеделник ќе биде потпишан официјално договорот. Очекувам овој месец да почне изработката на таа делница, така што, и ова, условно речено би кажал, негативно наследство од минатото се решава. Илјадници се проблеми коишто ги затекнавме, еден по еден ги решаваме. Сега, ние не можеме сите наеднаш да ги решиме бидејќи немаме толку ресурси, но ги решаваме еден по еден. Еден од тие приоритети што успеавме да го решиме е токму и овој предизвик, конечно оваа делница, овие 8 километри да бидат завршени.“, вели Мицкоски.