Мешани коалиции само во втор круг – Заев: СДСМ, ДУИ, ДПА и БЕСА заедно на локални

НАЈНОВИ ВЕСТИ

17-ти, 24-ти или 31-ви октомври на еден од овие датуми ќе се избира локална власт, а до тогаш само шпекулации кој со кој ќе коалицира и кои ќе бидат кандидатите, но на лидерот на СДСМ, Зоран Заев не му се брза.

„Кротко, пополекичка ќе видиме…“.

А дотогаш ќе ги гледаме локалните комбинаторики. Вистинска битка ќе се води за Скопје и Тетово, каде што има и најголем број на кандидати за градоначалници.

„Се знае, првиот круг одат сите потоа се поддржуваме фер, така и на граѓаните како наша должност ќе им оставиме сами да ни кажат патот кој е. Кој треба на крајот да биде избран, во градот што го споменав Тетово, но и во сите други градови.“, рече Заев.

СДСМ за Тетово има 5 кандидати, од кои 3 Албанци, но имињата не се откриваат.

„Јас можам да ви кажам бидејќи сум коалиционен партнер и со ДУИ, БЕСА и со ДПА- имаме коалиција. Заедно ќе настапиме на локалните избори. Нормално деталите не можеме да ги кажеме бидејќи не ги знаеме имињата, но дефинитивно ги знаеме принципите на коалицирање, ја знаеме солидарноста“, вели Заев.

Но, генералниот секретар на БЕСА, Аријанит Хоџа вели дека не им паѓа на памет приклучување на коалицијата Заев-Ахмети.

„Ние сме политичка партија која е дел од владата речиси една година и реално ние пристапуваме доста сериозно на трката за локалните избори и сакаме да видиме дали во делот од власта каде што направивме разлика ќе влијае и на ниво на локалните избори а сме убедени дека ќе влијае“, изјави Хоџа.

По објавувањето на предизборната коалиција СДСМ – ДУИ, најава за можна коалициска соработка има и од ВМРО-ДПМНЕ Алијанса-Алтернатива

ДУИ од направените анкети согледа дека актуелната градоначалничка Теута Арифи има добар рејтинг, нешто што го потврди и самиот лидер на партијата, Ахмети. Движење Беса веќе јавно кажа дека кандидат за Тетово ќе биде претседателот на партијата, Биљал Касами а ДПА ја официјализираше кандидатурата на екс претседателот Сади Беџети.

ВМРО-ДПМНЕ веќе ги пресметува победите во неколку големи општини, а Христијан Мицкоски му пружи рака на Митко Јанчев за Кавадарци.

До официјалните кандидатури остануваат уште два месеци, а до тогаш комбинаториките продолжуваат.