Мецола: Да не ги разочараме милионите луѓе кои на Европа гледаат како на свој дом 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Добро е што ја имаме 2030 година како датум на масата за проширување на ЕУ, но наместо на датумот, да се фокусираме на чекорите од преговорите, затоа што од моето искуство кога мојата земја Малта беше кандидат за членство, можам да кажам дека се потребни чекори и колку побрзо ги исполнувате препораките што ви се даваат, толку побрзо ќе бидете подготвени да го направите следниот чекор, изјави претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола во интервју за Европската редакција (ЕНР), мрежа на новински агенции од цела Европа, чија членка е и МИА.  

– Секоја земја има свој пат, но да не ги разочараме тие милиони луѓе кои на Европа гледаат како на свој дом, нагласи Мецола. 

Според неа, дури и ако Украина и Молдавија се подготвени за старт на преговорите за членство, тогаш треба да им се овозможи да го започнат преговарачкиот процес, чекор по чекор.  

– Јасно е дека треба да бидеме прилагодливи кон она што сакаме да го добиеме со она како ги обновивме и реконструиравме земјите членки при проширувањето. Се надевам дека ова ќе биде главен фокус на средбата на Европската политичка заедница следната недела, додаде Мецола. 

Таа потсети дека следната година ќе се навршат 20 години од „големото проширување“ во 2004 година кога во Унијата беа примени 10 нови членки. 

– Трансформацискиот ефект на членството во ЕУ врз сите овие десет земји беше неверојатен. И тоа е таа работа што треба да продолжиме да ја гледаме, потенцира претседателката на ЕП.