
Новинарот на СДК.МК, Горан Михајловски денеска во емисијата „Daily Click“ на ТВ21 објасни што го врзува и каква е неговата емоција во однос на самитот на НАТО во Вашингтон.
Тој вели дека ова е негова лична сатисфакција дека Македонија успеала.
„Кога ќе се сетам на моите почетоци, кога ќе се сетам на какви самити сум одел кога сме биле никој и ништо, ова е веќе нешто што ме прави горд и е дел од мојата професионална кариера за која навистина сум вложил многу“, вели Михајловски.
Михајловски открива дека во 90-тите, на граница во Лисабон го држеле како криминалец, а главен „виновник“ бил неговиот македонски пасош.
„Тогаш се донесе онаа несреќната Лисабонска декларација која што велеше дека оваа држава нема никогаш да биде признаена ако во зборот се содржи името Македонија. И сега од позиција „никогаш Македонија“ ние сме сега во Вашингтон, во центарот на светската безбедносна политичка елита, рамо до рамо со други 32 земји“, вели Михајловски.
Михајловски раскажа и како се известувало во минатото, а додава и дека малку го заболело што на овој самит иако имало мала група македонски новинари, сепак информациите ги добивале од Скопје.
Како што вели, не го виделе премиерот Христијан Мицкоски воопшто.
„Сме почнале со јавување на телефони, со трчање, на пример во Њујорк кога беше приемот во ОН или јас бев присутен на подигањето на македонското знаме во ОН, сме се тепале кој да стигне побрзо до телефонска говорница па ќе се јавиш, па таму те примаат стенографи, па тие во меѓувреме најверојатно си разменувале рецепти па не ти креваат телефон, или е зафатено…“, вели Михајловски.
Во однос на минатото, Михајловски се потсети и на долгогодишниот шеф на кабинетот на претседателот Киро Глигоров, Снежана Османли и министерот Стево Црвенковски и раскажа дека токму тие му оставиле најголем впечаток.
„Жената навистина знаеше како, што е „on the record“ што е “off the record“, како да те организира, како едноставно да ги почитува новинарите и како да се најдеме. И посебно, од министрите би го издвоил покојниот министер Стево Црвенковски… Таков интелект, таков ерудит, не можам да опишам колку беше пријатно да се работи со него…“, вели Михајловски.
Целото интервју во продолжение:
