Едниот задоцни, другиот не дојде воопшто за да ја слушнат по втор пат пресудата за Титаник 2. Како и да е, судот им изрече казна затвор по 2 години на Сашо Мијалков и Мендух Тачи за изборни нерегуларности во 2013. Според судот, обвинетите извршиле директно кршење на изборното право за нивни партиски интереси.
Иако на сите обвинети им е намалена казната од 3 на 2 години, а на Бедредин Ибрахими, член на ДИК од ДПА, од 4 на 2 години, обвинителството нема да се жали. Обвинителот Гаврил Бубевски рече дека тоа го прави со цел да не се одолговлекува и и да се спречи застарување на делото на Мијалков.
Меѓутоа адвокатот на Мијалков повторно не е задоволен и ќе се жали во врска со казната. Рече дека пресудата ќе ја има истата судбина како првото судење бидејќи ниедно од дадените упатства од Апелација не е спроведено, а кои биле причини предметот да се врати на повторно судење.
Со првата пресуда објавена на 8 март 2019, обвинетите беа осудени на затвор, но во декември истата таа година, Апелациониот суд од Скопје ја поништи пресудата и го врати предметот на повторно судење. Сите се гонат кривично за злоупотреба на службената должност и надлежности, освен Мијалков кој е обвинет за земање награда за противзаконско влијание.
