По големата врева што се крена минатата недела за отсуството на Сашо Мијалков на рочиштето за Титаник 2, тој денеска беше спроведен од затворот од Струга во Кривичниот суд Скопје. Мијалков со своите адвокати не учествуваа воопшто за време на рочиштето, а тоа најверојатно поради можноста делото на екс директорот на АНБ да застари. Обвинителот Гаврил Бубевски очекува брза одлука пред да застари делото.
За другите обвинети предметот Титаник 2 останува во понатамошна постапка бидејќи роковите за застарување се поголеми, објасни Бубевски. Од таа причина, за разлика од Мијалков, лидерот на ДПА, Мендух Тачи и Бедредин Ибраими за рочиштето за сослушување сведоци постојано поставуваа прашања за поранешни членови на ДИК.
Обвинителот Бубевски кој е дел од поранешното СЈО рече дека е разочаран бидејќи за многу предмети од СЈО нема епилог.
Според Бубевски, системот со судии поротници е застарен, не е функционален и најголем проблем е тоа што до сега немаме брза правда. Според него, ова треба да се уреди со новиот кривичен законик за кривична постапка и судиите поротници да немаат такво влијание.
Според обвинението, Сашо Мијалков преку Мендух Тачи побарал од негов сопартиец од ДИК, Бедредин Ибраими да се поништи гласањето на едно гласачко место во Струмица, во полза на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.
