Милановиќ и официјално не дозволи учество на хрватски војници во мисија на ЕУ за Украина

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ официјално одби да даде согласност за учество на хрватски војници во мисијата на ЕУ за помош на Украина.

Неговото образложение е дека тоа не е во согласност со Уставот и оти не постои меѓународен договор што треба да се почитува во тој случај. Тој рече и дека министерот за одбрана не е тој што му упатува такво барање на претседателот.

– Не се исполнети условите за разгледување на писмото од министерот за одбрана со кое се бара претходно одобрение од претседателот на Републиката за учество на припадниците на вооружените сили на Република Хрватска во мисијата ЕУМАМ, соопшти кабинетот на Милановиќ.

Се работи за барање за согласност за учество на хрватски војници во мисија на Европската унија во која припадниците на хрватските вооружени сили требало да пружат помош во обуката на украинските војници, што неодамна крена бура во јавноста во државата и низа несогласувања и препукувања меѓу владата, парламентот и претседателот на државата.

Кабинетот потврди дека Милановиќ добил писмо од министерот за одбрана Марио Баножиќ во кое бара негова претходна согласност за „Нацрт предлогот за одлука на хрватскиот Сабор за учество на припадниците на хрватските вооружени сили во мисија на Европската унија за воена помош за поддршка на Украина“ (ЕУМАМ).

Милановиќ одбил да даде согласност со опширно појаснување во повеќе точки, меѓу кои и дека министерот Баножиќ не бил ни овластен да бара согласност.