Пратеникот Миле Цеков денеска соопшти дека ја напушта партијата ЗНАМ и дека во Собранието ќе дејствува како независен пратеник, нагласувајќи дека повеќе не е дел од владејачкото мнозинство, пренесува ТВ21. Во своето јавно обраќање, тој истакна дека во политиката влегол за да им служи на татковината и на граѓаните, но дека очекуваните промени не се реализирале.
„Пред две години станав пратеник за да се обидам да ги променам работите, да побарам одговорност за криминалот и корупцијата и да се борам за промена на системот, како и да покажам дека има место во политиката за чесни и вредни луѓе. Но, за жал, овие промени не се случуваат“, напиша, меѓу другото, Цеков.
Реакција од ЗНАМ
Од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија соопштија дека подолг период било јасно оти пратеникот Миле Цеков политички и вредносно се оддалечува од принципите, програмските определби и државотворната визија на партијата. Оттаму додаваат дека неговата одлука да ја напушти пратеничката група и да делува како независен пратеник не претставува изненадување.
„Движењето ЗНАМ е создадено врз јасни принципи кои се темелат на чесност, одговорност, заштита на македонските национални интереси и борба за достоинствена и суверена Македонија. Тоа не се вредности од кои отстапуваме зависно од политичкиот момент, личните амбиции или дневнополитичките пресметки“, се наведува во реакцијата.
Од партијата оценуваат дека неговите обиди да се претстави како симбол на принципиелност се неубедливи, имајќи предвид дека претходно застапувал позиции спротивни на државните и националните црвени линии.
„За човек кој јавно се залагаше за внесување на Бугарите во Уставот, природно е што повеќе не се препознава во политиките на Движењето ЗНАМ. Причините за оваа одлука се лично негови. Дали станува збор за политички калкулации, клиентелизам или нешто друго, ќе покаже времето“, додаваат од ЗНАМ.
На крај, од Движењето му посакаа успех на Цеков во неговото понатамошно политичко делување како независен пратеник, нагласувајќи дека остануваат цврсто определени кон политиките на национално достоинство, стабилност, реформи и силна македонска држава.
