Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, и денеска објави „бомба“ за екс премиерот, Зоран Заев. „Бомбата“ ја објави од седиштето на партијата, при што тврди дека Заев разговара и влијае врз одлуките на Врховен суд.
Според Милошоски, Заев директно влијаел врз работата на судството и според него тоа претставува кршење на законот и злоупотреба на службената положба.
Веднаш реагираше СДСМ. Хари Локвенец, рече дека ВМРО-ДПМНЕ на дневна основа не може да функционира без лаги. Тој објасни дека аудио снимката произлегува од средбите одржани со 8-те пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и пратениците од албанскиот блок, кога се разговарало за важноста на донесувањето на законот за ЈО.
Зоран Заев во интервју за Прес 24 истакнува дека снимките најверојатно настанеле на некој од состаноците во рамки на преговорите кои се водеа со групата пратениците, кои беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ.
Јас во објавените тонски снимки ја коментирам одлуката на Врховен суд за непостапување за предметите од СЈО после јуни 2017 година, состојба со која предметите паѓаа доколку не се изгласаше Законот за јавно обвинителство, вели лидерот на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев во врска со денеска објавените снимки од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.
Милошоски, очекува овој пат Обвинителството со самоиницијатива да го повика Заев во за да даде исказ, но доколку тоа не се случи, Милошоски додаде дека повторно ќе ги испрати материјалите во обвинителството на Вилма Рускоска.
Инаку, Милошоски, вели дека прислушуваните материјали ги добил од анонимен свиркач.
