Милошоски: По неуспешниот обид Фрчкоски да стане амбасадор во САД, сега Владата се обидува да го протурка за амбасадор во ОН

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, обвини дека после неуспешниот обид за Љубомир Фрчкоски да стане амбасадор на САД, сега владата ќе го именува за амбасадор на ОН.

„Без разлика дали станува збор за амбасадор или слично треба да се одбере најквалитетниот кадар во моментов. Тука би се осврнал и на дипломатијата, во изминатиов период, би го искоментирал и тој актуелен случај кој што не е врзан со квоти, повеќе би рекол дека е врзан со политика, но не дава добар пример за Македонија, а тоа беше примерот со номинацијата на Фрчкоски за амбасадор во Вашингтон“, истакна Милошоски.

Милошоски додаде дека МНР и Владата доживеаја прво да нема три години амбасадор во Вашингтон што само по себе е голем пропуст за Македонија. И второ, како што вели, номинираат за амбасадор човек кој што после кратко време после номинацијата стигнува вербална порака по дипломатски канали од Вашингтон дека истиот го сметаат за неподобен за амбасадор во Вашингтон.

          „Информацијата јас ја добив од дипломатски извори кои што се ангажирани во македонската дипломатија, кои што споделија едно такво сознание, добронамерна сугестија стигнала од високи дипломатски кругови во Вашингтон кои сметаат дека г. Љубомир Фрчкоски не е соодветен, не е подобен да биде амбасадор во САД. И сметам дека е тоа голем сигнал, за жал и голема бламажа за Владата и македонската дипломатија. И мислам дека Владата не смеела да си дозволи да оди со таква номинација, пред истата да ја провери“, рече Милошоски.

„Фрчкоски не би бил ниту подобен за ОН. Зошто? Затоа што во ОН имате пет постојани земји членки на Советот за безбедност. А, тоа се Америка, Кина, Русија, Франција и Велика Британија. И ако САД кажале „НЕ“ за Фрчкоски, дека тој за нив е неподобен, тогаш и во ОН, таков амбасадор не би бил употреблив“, истакна Милошоски.