Минимален пораст на јавниот долг: Во третиот квартал зголемување за 16 милиони евра или за 0,1 повеќе од пред три месеца

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Јавниот долг во третиот квартал од годинава, во јули, август и септември се зголеми за 16 милиони евра или за 0,1 насто повеќе во споредба со вториот квартал. Изнесува 57,6 отсто од бруто домашниот производ или во апсолутна бројка 9 милијарди и 730 милиони евра.

Но, вистински предизвик за владата ќе биде како ќе се сервисира јавниот долг во наредните пет години, кога ќе треба да се вратат околу 6 милијарди и 680 милиони евра и тоа само како главница. Првиот предизвик почнува од наредната 2026 година, кога ќе треба да се сервисираат околу две милијарди евра. Поради ова, делегација на Министерството за финансии предводена од Гордана Димитриеска – Кочоска во Лондон ги разгледуваат најповолните опции за финансирање на обврските на Македонија.

Што се однесува пак до разликата во сумите за 2026 година, каде што во Стратегијата за управување со јавниот долг стои дека треба да се вратат една милијарда и 334 милиони евра, а премиерот Христијан Мицкоски најави дека таа сума е околу две милијарди, од Финансии појаснија:

Од друга страна пак универзитетскиот професор Синиша Наумоски, кој е дел и од Советот на Народната банка, вели дека прашањето за јавниот долг мора да се гледа и од поширок аспект, односно да се гледа бруто надворешниот долг каде што влегуваат освен обврските на државата и обврските на приватниот сектор и ова да се спореди во однос на вкупните надворешни побарувања. Добиената разлика е нето надворешен долг, кој според Наумоски иако наредната година ќе се зголеми, сепак ќе биде управлив.

„Генерално, во било кое сценарио да го направам моето анализирање, ние ќе се движиме од 4,6 до 5,5 милијарди евра нето надворешен долг. Што, исто така, може да предизвика одредени дискусии од различни гледишта во јавноста, но може и да се констатира дека има одредена одржливост“, вели Синиша Наумоски, универзитетски професор.

Наумоски вели дека за да може да се управува нето надворешниот долг освен што се важни растот на БДП, фискалната консолидација и странските директни инвестиции, можеби најважен е извозот.

„Само така ќе креираме поголем внес на милијарди евра, како што реков и во претходните реченици, од околу 7 до 8 милијарди евра бруто надворешни побарувања, кои се противтежа на вкупните бруто надворешни задолжувања“, вели Синиша Наумоски, универзитетски професор.

Инаку, јавниот долг беше најнизок во 2008 година, од кога постепено растеше за првпат да експлодира во 2020 со ковид кризата, а во годините потоа сериозно да расте, за да имаме втора експлозија во 2024 година. За ваквиот голем раст на јавниот долг виновни се високите буџетски дефицити кои беа далеку над 3 отсто од бруто домашниот производ, а најчесто се финансираа со издавање еврообврзници. Две од нив беа по 700 милиони, а две по половина милијарда евра. Шампионска по камата од скоро 10 отсто е обврзницата во 2009 година, а најмал принос имаше таа во 2021 со нешто над 1,6 насто.