Пожарникарските екипи и надлежните служби во текот на денот интервенирале на повеќе локации низ државата, каде биле регистрирани пожари на отворен простор. Според последните информации од Центарот за управување со кризи (ЦУК), до 20 часот биле евидентирани вкупно 13 пожари.
Од нив, еден пожар и понатаму е активен, еден е ставен под контрола, додека 11 пожари се целосно изгаснати.
Активен останува пожарот во скопско Визбегово, на подрачјето на Општина Бутел, каде што гори депонија. Во меѓувреме, под контрола е ставен пожарот на градската депонија во Демир Хисар, каде што горел отпад.
Надлежните служби успешно ги локализирале и изгаснале пожарите што избувнале на повеќе места низ државата. Меѓу нив се пожарите на Љуботенски пат во Општина Бутел, на патот кон Страхојадица во Општина Зелениково, во селата Булачани и Средно Коњаре, како и во Бардовци, Лениште, кај Кадмо плажа во Охрид, пред патарината кај Градско, во населбата Насеље во Штип, на Слупчански пат во Липково и во селото Псача во Општина Ранковце.
Според ЦУК, кај најголемиот дел од овие пожари гореле ниска вегетација, сува трева, трње, отпад и поединечни дрвја. Надлежните и понатаму ја следат состојбата на терен и интервенираат каде што е потребно.
