Министерот Филипче со апел – „Вакцинацијата ја враќа слободата да ги прегрнеме нашите најблиски“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Само со масовна вакцинација на што поголем број граѓани ќе спасиме човечки животи и ќе и ставиме крај на пандемијата.

По трите силни брана конечно состојбата со Ковид 19 се смирува, сега го имаме најмоќното оружје во борбата против вирусот – вакцината, порачува преку видео обраќање  министерот за здравство Венко Филипче.

Тој апелира до граѓаните да бидат амбасадори на имунизацијата и што повеќе да се пријавуваат на страната за вакцинација и да ги убедуваат своите сограѓани да го сторат истото. Од друга страна, министерот за надворешни работи на Словенија, Анже Логар од Скопје најави дека граѓаните, без оглед која вакцина ќе ја примат, ќе можат да патуваат во Словенија без проблем.

Но дали по вакцинацијата ќе можеме да се вратиме во нормала? Докторот Седат Љумани за ТВ21 вели дека речиси сите граѓани кои биле заразени со Ковид 19 имаат последици на органите каде вирусот бил најконцентриран, а и дека имаат психички проблеми. Според Љумани, од овие последици страдаат и лицата кои воопшто не биле заразени но имале искуство од нивни блиски.

„Имаме случаи од психички аспект. Пациентите не се исти како што биле, стануваат почувствителни, по агресивни, понекогаш губат памтење. Во повеќето случаи човекот не е како што бил некогаш. Кажавме дека овие симптоми кај повеќето се реверзибилни, меѓутоа никогаш организмот не се враќа како што бил претходно. Последици ќе има, меѓутоа последиците може да бидат минорни или поголеми, значи можат да ги забележат и другите луѓе“, истакна Седат Љумани.

Од Здравство информираат дека до сега вакцинирани се повеќе 255.илјади, а ревакцинирани се близу 40 илјади. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ е незадоволна од процесот на имунизација, ја обвинува владата за високиот број починати од корона вирусот, додавајќи дека ги кријат точните бројки на заразени. Од оваа партија обвинуваат дека вакцините задоцниле и дека системот за вакцинација постојано паѓа.