Костовски и Криезиу го правдаат затворањето со законски ограничувања, заменик-министерот Сулејмани: Паралелката на албански во „Пенко“ не треба да се затвори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Општина Бутел и директорката на училиштето „Петар Здравковски – Пенко“ го правдаат непримањето ученици од Чаир со Законот за образование и реонизацијата на училиштата.

Но, ова отвора прашања, особено поради фактот што во „Пенко“ моментално има ученици кои живеат на територијата на Општина Чаир. Оттука, нејасно е зошто оваа година не им се овозможува запишување во прво одделение на децата кои гравитираат кон Чаир.

Во нејзиното обраќање, објавено на страницата на училиштето, директорката Мевлуде Криезиу изрази загриженост за намалувањето на бројот на ученици во училиштата во Чаир, доколку тие бидат примени во училиштата во Бутел.

„Оваа одлука е донесена и во најдобар интерес на децата и со цел да се зачува одржливоста на паралелките, имајќи предвид дека во минатото приемот на ученици надвор од реонот влијаел врз бројот на ученици и создавал ризик од намалување или затворање на паралелките во училиштата на Општина Чаир“, изјави Мевлуде Криезиу, директорка на ООУ „Петар Здравсковски – Пенко“.

Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, е категоричен дека запишувањето треба да се врши според утврдениот реон на училиштето и дека Бутел не може да прима ученици од други општини.

„Суштината е едноставна: согласно Законот за основното образование и утврдената реонизација, запишувањето на учениците се врши според реонот на основното училиште. Во конкретниот случај од Општина Бутел се бара да постапи спротивно на тие правила. Поточно нашите основни училишта да примат деца од други општини.“, изјави Костовски.

Но, ставот на заменик-министерот за образование, Дритон Сулејмани, го поставува прашањето во поинаква перспектива. Тој вели дека законот дозволува можност за прием на ученици од други општини, особено кога тие се во близина на училиштето и кога бројот на ученици во паралелките е мал.

„Законот му дозволува на градоначалникот, или нешто слично, да не прима ученици од други општини, меѓутоа реонизацијата на училиштето има определена територија и сите ученици кои припаѓаат на таа територија имаат право потоа да се запишат во конкретното училиште. Особено во случаи кога, да речеме, бројот на ученици е помал и на тој начин се дава можност да се формира паралелка со прием и на ученици кои можеби припаѓаат на друга општина, но се во близина на училиштето. Мислам дека во овој конкретен случај ќе се најде одредено решение и, секако, мислам дека паралелката може да се спаси и не треба да се затвори“, вели Сулејмани.

Додека Општината и училиштето се повикуваат на реонизацијата, останува дилемата дали административната граница треба да биде поважна од близината на децата до училиштето.

Заменик-министерот Сулејмани рече дека Министерството за образование веќе го следи случајот и најави дека ќе ги побара сите информации од училиштето, Општина Бутел и родителите, за да се најде решение согласно законските одредби и во интерес на учениците. Според него, доколку паралелката има 18 ученици, како што било наведено, нема причина да се затвори, а решението може да се најде доколку училиштето и Општина Бутел му се обратат на Министерството за нејзино одобрување.