Министерот Хоџа: Нов проект во Сарај за Сува Река – чистење, продлабочување и изградба на камен ѕид

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, информира дека утрово се приклучил на координативниот состанок во Општина Сарај по поплавите предизвикани од обилните врнежи од дожд.

Тој посочи дека од вчера на терен се присутни сите надлежни институции кои ја следат состојбата и работат на санирање на настанатите штети. Според него, фокусот не е само на справување со последиците, туку и на отстранување на причините што доведуваат до вакви ситуации.

Хоџа најави дека Министерството ќе го имплементира подготвениот конкретен и сеопфатен проект за регулација на Сува Река во должина од 13 километри. Проектот предвидува чистење и продлабочување на речното корито, поплочување на дното, како и изградба на камен ѕид.

Како што наведе министерот, изведувачот е веќе избран, а по изборот на надзор ќе започне реализацијата на проектот. Тој оцени дека станува збор за трајно и системско решение кое значително ќе го намали ризикот од поплави и ќе обезбеди заштита на земјоделските површини и домовите на жителите во Сарај.