Во своето прво обраќање пред медиумитекако министер за здравство, Беким Сали доцнеше 20 минути. Придружен од студенти, се обрати кај вакциналниот пункт кај Економскиот факултет. Тука ја прими третата доза вакцина против корона вирусот. Медицинските сестри го почастија со чоколадо. Неколку минути подоцна, облечен со блуза на која пишува “Вакцинирај се“ апелираше до граѓаните да се имунизираат против ковид 19.
„Од ова место сакаме да упатиме апел дека науката и академскиот дел заедно со ректоро Јанкуловски и професорката Грозданова, праќаме порака дека вакцинацијата е безбедна и единствен начин за заштита на населението од зараза со вирусот Ковид 19“, вели Сали.
Министерот Сали не планира да воведе нови рестриктивни мерки за невакцинираните граѓани. На прашањето како ќе ги стимулира на имунизација која стагнира, новиот министер вели дека преку апели и конкретни прим ери, вакцинирајќи се самиот, ќе ги убеди граѓаните да се упатат кон вакциналните пунктови.
„Ние можеби сме единствена држава во регионот што спроведовме либерална политика во врска со условувањата за вакцинирање. Се е со самоиницијатива и даваме самите пример дека вакцинацијата е единствен механизам за заштита од вирусот, во случајот од Ковид 19. Ни останува во иднина да ја следиме состојбата и според потребата ќе апелираме и ќе преземаме други иницијативи и условувања“, рече Сали.
Инаку во земјава до сега две дози примиле околу 860 илјади граѓани.
