Министерот за недворешни на БиХ со писмо до Рубио: Ако се редуцира присуството на САД, отворате пат за Русија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, му испратил писмо на американскиот државен секретар Марко Рубио, предупредувајќи дека доколку се намали американското присуство во БиХ, ќе се отвори пат за зајакнување на руското влијание и дестабилизација на државата.

Во долго писмо, босанскиот функционер навел дека Босна и Херцеговина многу сериозно ја сфатила пораката за можноста САД да ја преиспитаат својата улога во меѓународното присуство во оваа држава, доколку не се постигне договор за избор на нов Висок претставник.

„Секое намалување на улогата на САД би ризикувало да отвори простор што брзо би можел да биде пополнет од Руската Федерација, нејзините сојузници и локалните сателити, како и од други актери чија цел не е стабилноста, туку слабеењето на Дејтонскиот договор, попречувањето на евроатлантската иднина на Босна и Херцеговина и ширењето на злонамерното влијание на Западен Балкан“, напишал Конаковиќ во писмото.

Конаковиќ го оценил изборот на нов Висок претставник како од суштинско значење. Оваа функција во моментов привремено ја извршува американскиот дипломат Луис Џ. Кришок како вршител на должноста до изборот на нов претставник. САД и европските држави еден ден претходно не успеале да изберат наследник на Кристијан Шмит.

Во своето писмо, Конаковиќ истакнал дека Канцеларијата на Високиот претставник е клучна институција за спроведување на Дејтонскиот мировен договор, особено во околности „кога уставниот поредок, авторитетот на државните институции, суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ се доведени во прашање“.

Пишувајќи за директните напади врз Дејтонскиот договор, Конаковиќ го споменал поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик. „Опасноста доаѓа од поделбен политички проект, поддржан и поттикнат од Москва, кој настојува да ги искористи институционалните слабости, историските трауми и меѓународната неодлучност. Таквата политика може само повторно да ги разгорува конфронтациите и војните“, напишал тој.

И на состанокот одржан во Сараево во вторникот, европските претставници останале на своите ставови, спротивставувајќи се на кандидатурата на Антонио Занарди Ланди, дипломат предложен од Соединетите Американски Држави и Италија за Висок претставник. Во исто време, Вашингтон не го поддржал кандидатот за кој се залагале Германија и Франција – францускиот дипломат Рене Троказ.

Несогласувањата довеле до предупредувања за можно повлекување на американското присуство од Босна и Херцеговина.